
Во периодот од 15 до 20 јуни 2025 год во Солферино во Струга, се одржа франкофонски камп во организација на фондацијата Бел идеал од Париз на кој учествуваа триесетина ученици од основните и средните училишта од 10 македонски града, победници на дел од државните натпревари по француски јазик организирани од Здружението на професорите по француски јазик на Република Македонија во текот на учебната 2024/2025 година како и добитници на награди од националната франкофонска вечер која се одржа во Свети Николе. Помеѓу наградените учесници на кампот беа Симеон Ристовски од 8-5одд и Софија Младеновска од 6-4 одд од ООУ “Свети Јоаким Крчовски” – Крива Паланка заедно со нивната професорка по француски јазик, Елена Николовска. Учениците поделени во групи според нивото на познавање на францускиот јазик , преку најразлични работилници на француски јазик ги усовршија своите јазични вештини, стекнаа нови пријателства преку друштвените игри на француски јазик, но и уживаа на брегот на Охридското Езеро.