На 29 јануари 2026 година, во просториите на ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ во Крива Паланка, беа реализирани две стручни обуки за наставници, како дел од соработката помеѓу ОУРЦ „Иднина“- Скопје и општинските основни училишта, во рамки на Акцискиот план за поддршка на општинските основни училишта.

Обуките имаа за цел јакнење на капацитетите на наставниот кадар за работа во инклузивни училници, со посебен фокус на прилагодување на наставата и поддршка на ученици со посебни образовни потреби (ПОП), вклучително и ученици со состојби од аутистичен спектар.

Обука 1: Прилагодување на наставата за учениците со посебни образовни потреби

Првата обука беше насочена кон разбирање и примена на педагогијата фокусирана на ученикот, како клучен пристап во спроведувањето на инклузивното образование. Во рамки на обуката беа опфатени следните теми:

Разбирање на важноста на педагогијата фокусирана на ученикот во инклузивното образование

Преглед и дискусија на главните карактеристики на овој педагошки пристап

Претставување на модели на инклузивни наставни стратегии

Дискусија за различни прилагодувања на наставните стратегии за ученици во инклузивни училници

Истакнување на значењето на кооперативното учење со врсници

Насоки за прилагодување и изработка на дидактички материјали за полесно совладување на наставните содржини

Преку примери од пракса и интерактивна дискусија, наставниците имаа можност да ги поврзат теоретските концепти со реалните предизвици во училницата.

Обука 2: Инклузија на ученици со состојби од аутистичен спектар

Втората обука беше посветена на поддршката и инклузијата на ученици со состојби од аутистичниот спектар, со акцент на практични стратегии за секојдневна работа во училницата. Темите што беа обработени вклучуваа:

Основни карактеристики на аутистичниот спектар

 

Стратегии и ресурси за поддршка на учениците со аутизам

Разбирање и менаџирање на однесувањето

Идентификација на стратегии и методи за работа со ученици со предизвикувачко однесување

Презентација на специфични материјали за работа со ученици со предизвикувачко однесување

Посебен акцент беше ставен на превентивните пристапи, визуелната поддршка и структурирањето на средината, како и на улогата на наставникот во создавање безбедна и поддржувачка училница.

Овие обуки претставуваат уште еден чекор кон системска поддршка на наставниците и училиштата во процесот на инклузивно образование, преку споделување знаења, практични алатки и искуства.