Во согласност со барањето од Општина Крива Паланка и повикот од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, ООУ „Свети Јоаким Крчовски“ активно се вклучи во националната еколошка акција „Генералка викенд 2026“, реализирана на 8 мај 2026 година.
Целта на активностите беше подигнување на еколошката свест кај учениците, поттикнување на одговорно однесување кон животната средина и развивање навики за селекција, рециклирање и повторна употреба на отпадот.
Реализирани активности
Селекција и собирање отпад
Во училиштето беше организиран дежурен пункт за селекција на отпад, каде учениците носеа различни видови отпадни материјали: хартија, пластика, метал, текстил, тетратки, лименки, стара облека и електронски отпад.
Учениците, со поддршка од наставниците, вршеа правилна селекција и распределба на отпадот во соодветни кеси и контејнери, при што дежурните тимови ги насочуваа и информираа останатите ученици за важноста од одговорно управување со отпадот и заштита на животната средина.
Еко патроли
Во рамки на акцијата беа формирани три еко-патроли (зелени тимови) составени од ученици и наставници. Тимовите активно учествуваа во собирање отпад од:
-зелените површини околу училиштето,
-градскиот плоштад и околината на Градскиот музеј,
-коритата на Крива и Дурачка Река.
Со оваа активност значително се придонесе кон почиста околина, а учениците преку практична работа ја развиваа свеста за значењето на чистата и здрава животна средина.
Еко час – „Рециклирање: Од отпад до уметност“
Во малата сала при училиштето беше реализиран еко час на тема „Рециклирање: Од отпад до уметност“.
Во едукативниот дел учениците одржаа кратко предавање за значењето на рециклирањето, селекцијата и повторната употреба на отпадните материјали, при што посебен акцент беше ставен на важноста од создавање еколошки навики уште од најрана возраст.
Во практичниот дел учениците изработија креативни модели, модни креации и уметнички изработки од рециклирани и отпадни материјали. Преку изложба и мини ревија тие покажаа дека отпадот може да добие нов живот и нова функција. Со својата оригиналност, креативност и труд учениците вистински заблескаа во духот на пораката „Од отпад до модел“, претворајќи ги отпадните материјали во впечатливи и инспиративни дела.
„Генералка Арт“
Во рамки на активностите беше реализирана и креативната работилница „Генералка Арт“, каде учениците изработуваа цртежи на тема „Како ја замислувам нашата општина во иднина“. Преку своите ликовни творби тие испратија пораки за почиста, позелена и поуредена средина.
Со успешно реализираните активности ООУ „Свети Јоаким Крчовски“ даде значаен придонес во одбележувањето на „Генералка викенд 2026“. Учениците, наставниците и стручните соработници покажаа високо ниво на еколошка свест, одговорност, тимска работа и креативност.
Настанот уште еднаш потврди дека преку едукација, личен пример и заедничка ангажираност можеме да создадеме почиста и поздрава средина за сите, а отпадот да го претвориме во ресурс, уметност и инспирација за идните генерации.
Сликите може да ги погледнете на следниот линк: https://read.bookcreator.com/eQScLvDqFWOqBWBCNdGZrtgPMoO2/xeHiuundQWCIab3vAlWWNA