Минатата недела нашето училиште, ООУ „Свети Јоаким Крчовски“ – Крива Паланка, беше домаќин на гости од Словачка во рамките на програмата Erasmus+ – Job Shadowing.
Во посетата учествуваа ученици и наставници од четири различни училишта од Словачка, кои имаа можност непосредно да се запознаат со начинот на работа во нашето училиште и да разменат искуства со наставниот кадар.
За време на нивниот престој, гостите присуствуваа на часови по екологија, каде што се запознаа со наставните методи и активностите што се реализираат во оваа област. Исто така, тие имаа можност да соработуваат со училишниот психолог и да се информираат за неговата улога во поддршката на учениците и создавањето позитивна училишна клима.
Гостите ја посетија и Еко-модната ревија, организирана од Europe House Kriva Palanka, координатор проф.Лариса Жулина-Митовски и беа воодушевени од креативните модели, иновативниот пристап и одличната организација на самиот настан. Ревијата остави силен впечаток кај сите присутни и претставуваше одличен пример за промоција на еколошката свест преку уметноста и модата.
Посетата траеше пет дена, период во кој словачките гости не само што учеа и разменуваа професионални искуства, туку имаа можност и да ги посетат културните и историските знаменитости на Крива Паланка и регионот. На тој начин тие се запознаа со богатото културно наследство, традицијата и природните убавини на нашиот крај.
Оваа активност претставува значаен чекор во јакнењето на меѓународната соработка, размената на добри практики и унапредувањето на квалитетот на образованието. Веруваме дека стекнатите искуства и новите пријателства ќе придонесат за понатамошна успешна соработка меѓу училиштата од двете земји.
Им благодариме на нашите гости за посетата и со нетрпение очекуваме нови заеднички Erasmus+ активности во иднина.