Проектот „Мојата мала Европа“ се имплементира во ООУ „Јоаким Крчовски“ во Крива Паланка.
Проектот Мојата мала Европа ќе обезбеди можност за културна интеграција, ќе ја поттикне страста за знаење и учење за познатите личности, ќе ја развие способноста за тимска работа и ќе го развие знаењето за комуникациски технологии. Згора на тоа проектот ќе резултира во донесување заклучоци/препораки за тоа како да се работи со учениците. Препораките ќе бидат развиени врз база на истражување и обсервации. Алатките што ќе ги користат наставниците да ги оценуваат учениците ќе се развиваат врз база на принципите на невродидактика.
Проектот е составен од две фази
Во првата фаза децата и тинејџерите ќе треба да направат презентација (албум, книга, видео, компјутерска презентација) за некој херој кој тие го запознале на часот по мајчин јазик (херој од литературата), на часот по историја (национален или регионален херој), на часот по географија (национален истражувач) или на часот по физичко (спортист). Хероите – националните претставници – ќе бидат избрани во самите училишта со внатре училишно гласање. Информациите за националните / регионалните херои ќе бидат разменети како дел од проектот. Учениците ќе испраќаат пораки кои содржат информации за нивните национални херои со користење на напредна комуникациска технологија. Ова ќе резултира во запознавање на другите европски земји преку презентација на нивните индивидуални национални херои. Ваквиот пристап кон предавањето/учењето е многу поефикасен според невродидактичарите. Децата учат за историјата на една земја со запознавање на херојот- тие се идентификуваат себе си со херојот и ги запомнуваат информациите за истиот побрзо и поефикасно. Учениците ќе ги разменат своите презентации преку имејл, скаип и социјалните медиуми, учејќи како да ги користат комуникациските технологии.
Во првата година од проектот ќе се забележи вклученоста на наставниците. Прашалници ќе се изготват за га се запознаат со начинот на кој учениците сакаат да учат повеќе, нивните дневни рутини, колку време тие му посветуваат на учењето и во која ситузција тие најлесно учат. Материјалите за истражување за наставниците ќе се состојат од видеа снимани од учениците покажувајќи еден свој обичен ден.Навиките на децата ќе се следат за да се види во кои услови и кога тие учат. Секое партнерско училиште ќе ги собира информациите и ќе бидат искористени за составување на еден релевантен извештај. Главниот фокус во вториот дел од проектот ќе биде врз анализата на резултатите и подготвување на препораки кои ќе се имплементираат во училиштето. Препораките ќе бидат дадени строго според принципите на невродидактиката. Главната цел и препорака на невродидактиката е предавање кое не е оптоварувачко за мозокот, употреба на когнитивната љубопитност кај учениците и моќта на умот како и комбинирање на когнитивното знаење со емоциите, дозволувајќи им на учениците да претпоставуваат и слободно да бараат решенија кои не се ограничени на вербалната комуникација и да си го олеснат собирањето на поединечни информации во една кохерентна целина.
Најосновниот елемент и предуслов за успех е можноста да се искористи когнитивната љубопитност на учениците.
Еднакво важно е да се обезбеди сигурна и пријателска средина.
За да се пренесат принципите на невродидактиката во училиштата треба да се разберат навиките на учениците. Врз основа на тоа партнерските училишта ќе можат да развијат посебни препораки за да се олесни процесот на учење.
Во текот на втората година од проектот, децата од сите партнерски училишта ќе направат книга (албум) кој ќе содржи фотографии и описи на хероите (истакнати личност) од нивната непосредна околина (семејство, пријатели). Ова ќе ги натера да разберат дека хероите се меѓу нив. Најдобрите книги од сите училишта ќе бидат издадени заедно. Другите изработки ќе бидат изложени.
Проектот ќе ги активира и наставниците (во потрага по ефикасни решенија да се подобрат условите за предавање и учење) и учениците кои ќе научат за европските земји преку креативни активности.
Проектот е финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку Програмата Еразмус+.
Активности во месец септември
Во текот на месец септември во ООУ „Јоаким Крчовски” беа реализирани следните активности предвидени по Еразмус + проектот „Мојата мала Европа”, финансиран од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност
- Изработка на огласна табла поставена во холот на училиштето
Наставникот Лазо Ѓоргиевски заедно со своите ученици ја уредија огласната табла за проектот и ја поставија на првиот кат во училиштето - Започнување на натпреварот за лого
Наставниците кои се дел од тимот и кои работат на проектот ги запознаа учениците за натпреварот за лого. - Подготовка на листата на ИКТ алатки кои се користата во наставата
Наставничката Наташа Колевска ја изготви листата на ИКТ алатки кои ги користиме во наставата - Изработка на фејзбук страна , веб страна или блог за проектот.
Во делот на водење на административните задачи и обврски поврзани со проектот е задолжена педагогот на училиштето Жаклина Христовска, а за финансискиот дел Миланка Марковска.
Активности во месец октомври
Во текот на месец октомври во ООУ „Јоаким Крчовски” беа реализирани следните активности предвидени по Еразмус + проектот „Мојата мала Европа”, финансиран од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност
- Учениците подготвуваат краток филм за своето училиште
Учениците од 9 одделение подготвија краток филм со кој го претставија нашето училиште пред другите партнерски училишта
- Учениците започнуваат со подготовка за мултимедијални презентации и видеа за нашиот регион
Наставниците им дадоа инструкции на учениците од 8 одделение за почеток на изработка на мултимедијални презентации и видеа за нашиот регион - Учениците зедно со наставниците подготвуваат разгледници и ги испраќаат на партнерските училишта
Учениците од 7 одделение заедно со наставниците Лазо Ѓоргиевски и Тања Димитровска-Шкрбиќ направија разгледници во кои се претставија себе си и своето училиште и ги испратија на партнерските училишта.
Активности во месец ноември
Во текот на месец ноември во ООУ „Јоаким Крчовски” беа реализирани следните активности предвидени по Еразмус + проектот „Мојата мала Европа”, финансиран од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност
- Започнување на натпреварот за херој
Учениците добија задача да направат презентација за некоја личност која е позната во нашата држава или регионот.
- Гласање за најдобро лого и доделување на дипломи
- Посета на Полска
Тројца наставници од нашето училиште беа во посета на Основно училиште во Бидгошч – Полска. Таму се запознаа со наставниците од останатите партнерски училишта, посетуваа часови и присуствуваа на конференција на тема Невродидактичкиот модел во иновативното образование.
[embpicasa id=”6368692403479146737″]
Педагогот на училиштето Жаклина Христовска ги пренесе здобиените информации за невродидактиката во образованието на колегите од ООУ „Јоаким Крчовски”.
Активности во месец декември
Во текот на месец декември во ООУ „Јоаким Крчовски” беа реализирани следните активности предвидени по Еразмус + проектот „Мојата мала Европа”, финансиран од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност
- Натпревар за херој
Наставниците и учениците избраа три херои за кои ќе прават презентации и од кои треба да се избере најдобрата презентација за еден херој. Троицата херои за кои можат да пишуваат учениците се Тоше Проески, Кире Лазаров и Гоце Делчев.
- Нашиот регион
Најдобрата презентација за нашиот регион беше испратена до останатите партнерски училишта
- Беше спроведено и гласање за најдобро лого од останатите партнерски училишта и го избравме логото на Литванија
- Наставникот Лазо Ѓоргиевски изработи новогодишни и Божиќни честитки кои ги испратиме на партнерските училишта
- Почеток на нови три натпревари
- Литературен натпревар „ЗОШТО МУ СЕ ВОСХИТУВАМ НА МОЈОТ ХЕРОЈ?”
- Ликовен натпревар „ МОЈОТ ХЕРОЈ НА ИНТЕРАКТИВНА РАЗГЛЕДНИЦА”
- Фотографски натпревар „ ГИ СЛЕДИМЕ НАШИТЕ ХЕРОИ ПРЕКУ ОКОТО НА КАМЕРАТА”
Активности во месец јануари/февруари
Во текот на месец јануари и фебруари во ООУ „Јоаким Крчовски” беа реализирани следните активности предвидени по Еразмус + проектот „Мојата мала Европа”, финансиран од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност.
Учениците ги предадоа своите изработки за три натпревари за Мојот херој и беа избрани најдобрите во секоја категорија.
На заедничкиот блог од проектот беа поставени презентациите за трите херои како и сите најдобри изработки од трите натпревари.
- Во првиот литературен натпревар „ЗОШТО МУ СЕ ВОСХИТУВАМ НА МОЈОТ ХЕРОЈ” беа избрани составите на следните ученици:
1-место Симона Јакимовска IX-4
2-место Нена Николовска VIII-1
3-место Нина Таскова IX-3
- Во вториот ликовен натпревар „МОЈОТ ХЕРОЈ НА ИНТЕРАКТИВНА РАЗГЛЕДНИЦА” беа избрани разгледниците направени од следните ученици:
1-место Нина Колевска VIII-1
1-место Ангела Ангеловска VIII-1
1-место Теона Величковска VIII-1
1-место Ана Стојановска VIII-1
2-место Симона Јакимовска IX-4
2-место Маријана Петковска IX-4
2-место Деспина Велиновска IX-4
3-место Андреј Тасевски VI-5
- Во третиот фотографски натпревар „ГИ СЛЕДИМЕ НАШИТЕ ХЕРОИ ПРЕКУ ОКОТО НА КАМЕРАТА “ беа избрани презентациите направени од следните ученици:
1-место Ања Алексовска VII-2
1-место Михаела Митковска VII-2
2-место Лина Рангелова VII-1
3-место Теона Ѓоргиевска VI-2
Кире Лазаров -најдобар ракометар од Македонија
https://www.slideshare.net/NatasaKolevska/kire-lazarov
Тоше Проекски – најпопуларен пејач во Македонија и регионален амбасадор на УНИЦЕФ
https://www.slideshare.net/NatasaKolevska/toshe-proesk
Гоце Делчев – учител и борец за слобода
https://www.slideshare.net/NatasaKolevska/goce-delchev-73502411
Активности во месец март
Во текот на месец март (05-10) претставници од ООУ „Јоаким Крчовски” беа во посета на основно училиште во Литванија како дел од активностите предвидени по Еразмус + проектот „Мојата мала Европа”, финансиран од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност.
Првиод ден иако бевме во „градот на сонцето” Шулеи врнеше многу снег, но тоа не беше причина да не уживаме во овој прекрасен град. Посетивме многу интересни часови во основното училиште „Меделино” меѓу кои посебно не воодушеви „Ебру” или цртањето на вода – многу интересна техника на цртање и боење. Панаѓурот посветен на Свети Казимир беше едно поинакво доживување, сплет од игри, песни, детски насмевки и пријатна атмосфера. Домаќините се потрудија секој ден да биде посебен и незаборавен. Го посетивме Ридот со Крстови, многу интересно и необично место но сепак единствено од овој вид. Посетата на чоколадната фабрика и подготвувањето на колачи во истата беше нешто кое ни остави прекрасни впечатоци од оваа посета. Но освен посетите и одличното дружење имаше и многу работни средби. Сите земји партнери во проектот имаа свои претставници во Шулеи кои ни ги претставија своите херои. Разговаравме за активностите поврзани со проектот кои сме ги завршиле но исто така и за оние кои треба да ги работиме во наредниот период. Бевме примени и од заменикот градоначелник на Шулеи кој ни објасни многу работи за градот, образованието, младите, минатото на Литванија како и за тоа како го гледаат својот град и држава во иднина.
Се вративме во Македонија со позитивни впечатоци и импресии но со многу работни задачи која ќе ни претстојат. Нашето училиште од 07-12 мај ќе биде домаќин на претставници од Полска, Литванија, Бугарија, Шпанија и Португалија и затоа уште веднаш започнавме со подготовки за оваа за нас многу важна средба.
Во подготовка на претстојната средба учество зема целиот тим од проектот. Сите имаа посебни задачи кои требаше да се завршат. Во организација и пречек беше вклучен директорот на училиштето Драган Ристовски. Неговиот помошник Гордана Ивановска беше задолжена за пречекот во општината и во училиштето како и за организирање на превозот и сместувањето на учесниците. Педагогот на училиштето Жаклина Христовска учествуваше во подготовките на часовите, приредбата по повод 9 Мај, играорните групи како и во целата организација на настаните во текот на неделата. Наставникот Лазо Ѓоргиевски беше задолжен за украсувањето и уметничкиот изглед на училиштето како и за сликање и снимање на активностите, а наставничката Наташа Колевска за информатичкиот дел, дипломи, сертификати и организација на учениците и нивното учество.
ООУ „ЈОАКИМ КРЧОВСКИ“ ДОМАЌИН НА 15 ПРЕТСТАВНИЦИ ОД 5 УЧИЛИШТА ОД ЕВРОПА
Посетата во училиштето ООУ „Јоаким Крчовски“- Крива Паланка Р. Македонија започна на 07 Мај и заврши на 12 Мај 2017. На овој краткотраен заеднички тренинг настан 15 претставници од партнерските училишта земаа учество од 5 држави од Европа и тоа од Литванија, Полска, Бугарија, Шпанија и Португалија.
Состанок беше исполнет со многу активности, посета на часови но и одлично дружење со гостите кои беа одушевени од прекрасната природа и вкусната храна.
Претставниците од училиштето координатор од Полска несебично придонесоа овој состанок да биде одличен со тоа што подготвија презентација за невродидактиката во образованието. Исто така подготвија и демо час по математика за учениците од второ одделение кои беа одушевени бидејќи за прв пат се среќаваат со наставници од други земји. За нив ова беше незаборавно искуство кое долго ќе го паметат.
Градоначалникот на општината г-дин Арсенчо Алексовски се запозна со претставниците и одвои дел од своето време да ги запознае со функционирањето на општината и на образованието во нашиот град.
Како посебен настан беше одбележување на Денот на Европа 9- ти Мај, кој беше во организиран во соработка со сите училишта во градот како и општината и беше целосно посветен на гостите и нивната посета на нашата земја. Нивните земји беа претставени на посебни штандови додека пак нашата македонска култура и традиција беше отсликана во прекрасната приредба на песни и ора подготвени од нашите талентирани ученици. Својот тален учениците го покажаа и во ликовното катче кое беше составен дел на целиот настан.
Сите претставници од партнерските училишта имаа можност да се сретнат и со дел од родителите на македонските ученици кои учествуваа во подготовка на традиционални македонски специјалитети на храна кои претставниците од земјите учеснички имаа можност да ги дегустираат.
Главниот град на Р. Македонија- Скопје ги остави гостите без зборови со својата убавина и единственост. Посебен впечаток им остави кањонот Матка кој со својата убавина воодушевува.
Се што е убаво кратко трае. Така и оваа посета заврши и секој ги понесе со себе впечатоците од нашиот град и држава со желба повторно да не посетат.
[embpicasa id=”6433991178177309105″]
Активности во месец јуни
На почетокот на месец јуни пред самиот крај на учебната година, во ООУ “Јоаким Крчовски” беше претставена презентација за сите сработени и реализирани активности во текот на изминатата учебна година 2016/17, а кои беа дел од Еразмус + проектот “Мојата мала Европа”, финансиран од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност. Презентацијата беше прзентирана пред учениците и наставниците од нашето училиште како и пред сите кои покажаа интерес за проектот. Таа на кратко им покажа на сите присутни како течеше првата година од реализацијата на овој проект.
По завршувањето на презентацијата беа доделени дипломи и пофалници на учениците кои беа дел од сите овие активности и допринеа истите да бидат успешно реализирани.
https://www.slideshare.net/natasa_kolevska/my-little-europe-open-day
Активности во месец септември
Во текот на месец септември во ООУ „Јоаким Крчовски” беа реализирани следните активности предвидени по Еразмус + проектот „Мојата мала Европа”, финансиран од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност
- Подготовка на презентација за нашата соседна држава Бугарија
Наставничката Наташа Колевска заедно со своите ученици подготвија видео, презентација и интерактивни разгледници за соседна Бугарија.
- Подготовка за посета на средното училиште Васил Кунчов од Вратца, Бугарија
Административниот дел од подготовките беше завршен од страна на педагогот на училиштето Жаклина Христовска, а наставничката Гордана Ивановска обезбеди подароци – сувенири од нашата држава за партнерските училишта.
Активности во месец октомври
Во рамките на Еразмус+ проектот „Мојата мала Европа”, наставници од ООУ „Јоаким Крчовски” од Крива Палана го посетија СУ „Васил Кунчoв” во Враца, Бугарија од 15 до 20 октомври 2017.
Сите претставници од партнерските земји бевме срдечно пречекани со традиционален леб, сол и здравец во училиштето после кое бевме на разгледување на училниците, мензата и спортската сала во училиштето. Имаше многу работни средби на кои сите се покажаа како одлични соседи на своите соседни земји, претставувајќи ги во најдобро светло на презентациите кои ги донесовме и покажавме пред сите.
Имавме средба со заменик градоначалникот на општината Враца г-ѓа Петија Долапчиева, каде ги претставивме нашите тимови, нашите земји и нашиот заеднички проект.
Имавме одлична презентација од страна на Полскиот тим и главниот координатор на проектот од областа на невродидактиката, Агнешка Булинска. Презентацијата беше – “Невродидактика – Нов метод на предавање! или Како да го направиш твојот ум среќен?” на кој присуствуваше и советничката за странски јазици од Враца г-ѓа Розенка Кабатлијска како и многу наставници по странски јазици од градот. Многу корисно за сите наставници кои сакаат да го подобрат својот начин на работа и да бидат поприфатени од своите ученици.
Освен работен дел нашата посета имаше и забавен дел. Ја посетивме пештерата Леденика која е вклучена во 100 најпознати туристички места во Бугарија. Таа е воедно и најпосетуваната пештера во Бугарија. Уживавме во есенските бои и прекрасната природа на патот назад од пештерата.
Враца е уште и попознат и како „Градот на богатстото” бидејќи таму е пронајдено најголемиот ископ на златни и сребрени Тракијски артефакти.
Домаќините не испратија исто така како што и не дочекаа со традиционални бугарски специјалитети и обичаи.
До следното видување и следните дружења понесовме убави сеќавања од соседна Бугарија и од прекрасниот град во подножјето на стара планина Враца.
Активности во месец ноември и декември
Во текот на месеците ноември и декември во ООУ “Јоаким Крчовски” беа реализирани следните активности предвидени по Еразмус + проектот “Мојата мала Европа”, финансиран од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност
- Изготвување и спроведување на анкети помеѓу учениците, наставниците и родителите за навиките на учениците при учењето, новите наставни форми и методи кои ги користат наставниците и кој им помага на учениците при учењето.
Според спроведената анкета и анализа на добиените резултати дојдовме до неколку заклучоци и препораки за подобрување на наставниот процес и подобрување на навиките поврзани со учењето и подготвувањето за тестови и контролни задачи.
Резултатите од анкетите беа претставени со дијаграми и описно.
Дијаграми на резултатите од анкетата
Во спроведувањето и анализата на анкетата учество земаа педагогот Жаклина Христовска и наставничката Наташа Колевска.
Активности во месец јануари и февруари 2018
Во текот на месец јануари и февруари во ООУ 2Јоаким Крчовски” беа реализирани следните активности предвидени по Еразмус + проектот “Мојата мала Европа”, финансиран од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност
- Започнување на натпреварот за Мојот херој од најблиската околина
Учениците добија задача да направат презентација за некоја личност која ги инсприрала да бидат подобри личности, а која е дел од нивното секојдневие.
- Избор на најдобри презентации за Мојот херој од најблиската околина
- Подготовка за посета на Шпанија
Учениците од 7,8,9 одделение изработија презентации за некој наставник, родител или родниина. Од изработените презентации беа избрани 3 кои беа најдобри и кои ќе бидат преентирани пред партнерските училишта на состанокот во Томелосо, Шпанија.
Најдобри презентации имаа следните ученици:
- Јована Колевска 8-1 одд.
- Вилијам Павловски 8-3 одд.
- Викторија и Валентина Ѓорѓиевски 7-1 одд.
Презентациите за хероите и резултатите од анкетите беа поставени на заедничкиот блог од проектот.
Наставници од нашето училиште се подготвија за посета на основното училиште “Ембајадорес “ во Томелосо, Шпанија.
https://www.slideshare.net/natasa_kolevska/my-teacher-my-hero-viii1-jovana
https://www.slideshare.net/natasa_kolevska/a-real-life-hero-vilijam-pavlovskiviii3
https://www.slideshare.net/natasa_kolevska/a-real-life-hero-viktorija-i-valentina-vii1
Претставници од ООУ „Јоаким Крчовски” – Крива Паланка, Македонија во посета на ОУ „Ембајадорес” – Томелосо, Шпанија
Во рамките на Еразмус+ проектот “Мојата мала Европа”, 4 наставници од ООУ “Јоаким Крчовски” од Крива Палана го посетија ОУ „Ембајадорес” – Томелосо, Шпанија од 05 до 10 март 2018.
Ние, претставниците од партнерските земји бевме весело пречекани со фолк шоу подготвено од учениците од училиштето, со свирење на химните на сите земји партнери во проектот и со веење на знамињата на сите земји учеснички во проектот. Прекрасно е чуството да се слушне химната на својата земја далеку од домата и да се видат развиорени знамињата на Македонија помеѓу учениците од Шпанија.
По прекрасната изведба на Макарена тргнавме во разгледување на училиштето кое потсетуваше на еден замок од Шпанските приказни. Ходниците украсени со симболите на витезите и на Дон Кихот испреплетени со моменталните активности на наставниците и учениците на училиштето му даваа дополнителна убавина на целиот простор.
Домаќините ни ги покажаа ветерниците кои Сервантес ги спомнал во својот роман Дон Кихот. Тие беа огромни споменици на врвот на планината кои потсетуваа на животот во Шпанија во минатото. Ни ја покажаа и најголемата фабрика за вино “Осборн” во Европа со кој се гордеат сите бидејќи им носи приходи на многу семејства кои живеат во Томелосо но и пошироко во областа. Ни покажаа и многу интересни музеи и стари куќи сите во знакот на виното и одгледувањето на грозјето.
Пречекот во општинската зграда на Томелосо од страна на градоначалничката г-ѓа Јименез беше многу срдечен. Градоначалничката не поздрави сите и ни посака убав престој тука но не заборави да каже неколку убави зборови и за своите сограѓани. Таа рече дека тука живеат многу вредни и чесни луѓе и дека се многу горди на тоа.
Во училиштето присуствувавме на часови и работевме во групи со учениците. Часовите беа забавни а учениците пресреќни бидејќи запознале наставници од цела Европа.
Го посетиме и градот Аргамасиља де Алба кој се смета дека најмногу е поврзан со првиот дел од најпознатиот шпански роман Дон Кихот. Го посетивме и затворот во куќата Медрано каде се смета дека Сервантес напишал дел од својот роман. Исто така посетивме и други места споменати во овој роман како и спомениците посветени на оригиналниот Дон Кихот како и на плагијатот на истоимениот роман.
И покрај дождот не застанавме во истражувањето на природните убавини на областа. Езерата Руидера изгледаа прекрасно а природната убавина околу нив не остави без зборови.
Го посетивме и Толедо, некогашниот најголем и најважен град во Шпанија. Неговата историја може многу да не научи. Како е возможно да живеат сите три религии заедно муслиманската, христијанската и еврејската. И покрај сите проблеми на кои наидувале, сепак луѓето во Толедо наоѓале начин да продолжат да живеат заедно и да си помагааат едни на други без разлика на својата вероисповед. Но овој град не плени и со својот изглед исто толку многу колку и со својата историја. Градбите беа средновековни но животот модерен и забрзан како и во сите големи градови во Европа.
Оваа недела беше исполнета со активности од утро до мрак но сепак не беше доволна да ги видиме сите убавини на овој дел од Шпанија. Сепак успеавме да почувствуваме дел од начинот на живот и размислувањето на луѓето од Томелосо и околината кој по многу работи се разликува од нашиот.
Домаќините не испратија со традиционални шпански специјалитети и танци. Фламенго танцот беше поздрав до следното видување и следните дружења.
Координатор на проектот: “Мојата мала Европа“ со регистарски број: 2016-PL01-KA219-026498_6
Тања Димитровска-Шкрбиќ
Активности во месец април 2018
Во текот на месец април 2018 во ООУ “Јоаким Крчовски” беше направен избор на најдобрите презентации изработени од учениците кои беа дел од проектот. Тие изработија презентации на тема „Што научивме едни за други од проектот Мојата мала Европа “.
Учениците земаа активно учество во текот на целиот проект и од сите презентации избравме две кои ќе ги претставивме пред останатите партнери на состанокот во Ољао, Португалија. Презентациите беа изработени од учениците:
1.Ангелина Спасовска и Марија Павловска 8-5 одделение
2. Лина Рангелова 8-1 одделение
Тие изработија и квиз со прашања поврзани со земјите учеснички во проектот и хероите кои секоја земја ги претстави и постави на заедничкиот блог.
Учениците изработија за секоја земја посебно брошура со информации под менторство на наставникот Драган Ристовски. Тие ќе ги претставиме на следната работна средба заедно со презентациите и квизот. Учениците кои земаат учество во проектот добиваат сертификати и дипломи за вложениот труд како и симболични подароци.
Анкетата која беше спроведена од страна на педагогот на училиштето Жаклина Христовска за навиките на учениците во однос на учењето и повторувањето беше поставена на заедничкиот блог. Исто така и сите останати актиности и средби се поставени како на блогот така и на страната на општината Крива Паланка.
https://www.slideshare.net/natasa_kolevska/my-litte-europe-lina-final
https://www.slideshare.net/natasa_kolevska/five-facts-final
Активности во месец мај 2018
Посета на основно училиште во Oљао, Португалија во рамки на Еразмус+проектот „Мојата мала Еропа”
Четворица претставници од ООУ „Јоаким Крчовски” и тоа Тања Димитровска-Шкрбиќ, Жаклина Христовска, Наташа Колевска и Драган Ристовски посетија неколку основни училишта во склоп на групата училишта на професорката Паула Ногуеира од 13 до 18 мај 2018 година во Ољао, Португалија. Ова беше последната работна средба од проектот „Мојата мала Европа”. Европа мала во проектот но инаку прилично голема. После ден и половина патување стигнавме до јужниот дел на Португалија во еден мал град кој се вика Ољао. Името на градот значи вода а кажува многу за градот и неговата околина. Штом се симнавме од возот не пречека мирисот на солта и рибата кои за жителите значат живот, а за посетителите се знак за распознавање. Полека пристигнаа останатите претставниците од останатите земји.
Во училиштето сите бевме пречекани со подароци, песна и игра. Срдечно добредојде ни посака директорот на училиштето а учениците не поздравија со знаменца, цвеќе и подароци.
Го разгледаме училиштето и започнавме со работа. Ги посетивме часовите по математика, информатика, англиски, разменивме различни искуства и се запознавме со еден малку поинаков начин на предавање. Сите херои кои беа дел од овој проект беа вклучени во расказот „Шест минути” напишан од главниот координатор на проектот Агнешка Булинска. Една прекрасна синтеза на сите шест земји во еден мал лик кој успеал да ги пронајде најдобрите нешта од сите херои и да ги научи. Уживавме додека го слушавме расказот и ги гледавме илустрациите на ликовите поврзани со секоја земја.
По состанокот бевме на Тук – Тук турнеја за разгледување на градот. Симпатичните возила со кои го разгледавме градот и интересните водичи направија да уживаме како во глетката така и во возењето.
Посебно интересна и незаборавна беше посетата на училиштето на островот Кулатра. Тоа има 30 ученика и е единственото училиште кое се наоѓа на остров во околината. Опкружено со песок и палми потсетуваше на глетка од Вестерн филм. Настаниците мораат да патуваат со брод за да дојдат тука и да работат со овие ученици. Сепак далечината не беше пречка да не уживаат во работата со своите ученици.
Го посетивме и градскиот музеј кој исто така беше во знак на риболовот, бродовите и музиката. Таму разбравме дека градот бил целосно уништен од еден земјотрес кој бил следен од цунами и пожар. После тоа повторно целиот бил изграден. Тогаш е направен и споменикот во центарот на градот кој ја симболизира водата односно името на градот.
Во општината бевме пречекани од советникот за образование на општина Ољао кој искажа огромно задоволство од вклученоста на сите наставници во вакви проекти со цел да се подобри квалитетот на образовниот процес. Тој истакна дека иднината е во квалитетното образование, а размената на искуствата е многу важен дел од тоа.
Посетивме уште едно училиште кое е во склоп на групата училишта на професорката Паула Ногуеира. Ова е новоизградено и модерно училиште дизајнирано од познат португалски архитект. Безбедноста на учениците е на највисоко ниво, а за нивниот пријатен престој таму се обезбедени сите услови. Употребата на современите методи во настава е секојдневие како и учеството во различни конкурси и проекти.
Го посетивме и Сагрес кој е посебен бидејќи тоа е најјугозападниот дел од Европа од каде тргнувале сите морепловци во минатото да ги истражуваат морињата, океаните и другите континенти. Во минатото луѓето сметале дека тука завршува светот и дека остатокот е вода па затоа тоа место го нарекле „Крајот на светот”. Денес е туристичка атракција со прекрасни пејсажи кон океанот.
И така од крајот на Европа се поздравиме со сите партнери во проектот „Мојата мала Европа”. Разделбата не беше воопшто лесна, но остана надежта и желбата за повторно видување во некоја следна прилика.
Посебна благодарност до Општина Крива Паланка за подршката која ни ја укажа во текот на проектот со тоа што сите настани и информации ги споделуваше на општинската веб страна. Исто така благодарност до Ирена Белешковска за одвоениот простор и време на порталот МИА за активностите поврзани со проектот. Благодарност и до К3 телевизијата и Христина Николовска за репортажите кои ни го промовираа проектот во целата држава
Координатор на проектот: „Мојата мала Европа“ со регистарски број: 2016-PL01-KA219-026498_6
Тања Димитровска-Шкрбиќ