На 29.03.2023 во Крива Паланка се одржа третото издание на „Ден на пијаното“ со два концерти на пијанистите од ООУ „Јоаким Крчовски“-Крива Паланка. Присутните имаа прилика да ги проследат настапите на учениците од класата на наставникот- ментор Лариса Жулина-Митовски во соло изведба, дуети и квартети. Првиот концерт е одржан во детската градинка „Детелинка“, а вториот во просториите на Europe House. Концертот во детската градинка го следеа около 120 дечиња.
На концертите младите таленти особено ја импресираа публиката со изведба на камерна музика за четирирачно и осумрачно пијано. Камерната музика е прекрасна и има потреба од повеќе внимание од публиката. Изведбата на четирирачно и осумрачно пијано е особено впечатлива, бидејќи овозможува интересна взаемна духовна активност меѓу изведувачите. Концертите беа поддржани од Europe House, Крива Паланка.
„Ден на пијаното“ е светски настан и во текот на целиот ден му се посветува внимание на овој инструмент. Бидејќи клавирот, по правило, има 88 клавиши, настанот се случува токму на 88-от ден од годината. „Ден на пијаното“ е настан за промоција на млади пијанисти, нови инструменти и боја на тоновите и современи и класични композитори.
Настанот е инициран од германскиот пијанист и композитор Нилс Фрам. Тоа е ден кој не е посветен само на познатиот уметник од Берлин, туку и на прекрасниот инструмент со клавијатура. На денот на настанот љубителите на пијано од целиот свет одат на концерти за да уживаат во волшебните звуци на овој инструмент.
Им честитаме на учениците и нивниот ментор за успешните настапи!