Во период од втори до осми октомври, во нашето училиште секојдневно се реализираа активности со сите ученици под мотото ЈАС И СВЕТОТ ОКОЛУ МЕНЕ:
На 2. X 2023 год. (понеделник) – Сите ученици од I (прво) до IX (деветто) одделение, на одделенските часови, односно на други активности следеа презентација за детските права (од Конвенцијата за правата на детето). По презентацијата, учениците дебатираа на темата Јас и светот околу мене, како тоа тие го доживуваат.
На 3. X 2023 год. (вторник) – учениците од VI (шесто) одделение, со своите одделенски раководители, реализираа активности во амфитеатарот при градскиот парк на општината. Активностите беа од широк спектар, пред сè идеи на учениците: изработија реклами со правата на децата, напишаа литературни творби-литературно читање на македонски и англиски јазик под мотото „ЈАС И СВЕТОТ ОКОЛУ МЕНЕ“, се реализира дебата на тема „Како го гледам светот и како сакам да го гледам во иднина низ призмата на детското око“, дебатата беше од јавен карактер, која можеа да ја следат граѓаните од општината.
На 4. X 2023 год. (среда) – учениците од IV, V, VII, VIII и IX одделение направија Куќа со испишани детски права, именувана како „Куќичка на детските права“, оваа куќа ја посетија учениците од прво и второ одделение, преку игра ги читаа испишаните права. Учениците од чеврто и петто одделение им ги цртаа дланките на учениците од прво и второ одделение на плакат под мотото Јас и светот околу мене и порака Сите деца имаме исти права.
На 5. X 2023 год. (четврток) – учениците од петто одделение со своите одделенски наставници, припремија програма со драматизација, рецитали, шеги и песни за учениците од прво одделение со што им посакаа топло добредојде во Училишната организација.
На 6. X 2023 год. (петок) – учениците од III (трето) одделение во училишната библиотека имаа настан, преку игра беа презентирани детските права и драматизација со наслов „Права и обврски на децата“.
По повод детската недела 2023, на 6. X 2023 год. (петок), ученици од нашето училиште ја посетија детската градинка ОЈУДГ„Детелинка“-Крива Паланка и преку, драма, песна и игра им ги доловија детските права, под мотото ЈАС И СВЕТОТ ОКОЛУ МЕНЕ.