И покрај тоа што беа на летен распуст, младите франкофони од ООУ “Свети Јоаким Крчовски” – Крива Паланка, на 15 август 2024 година, со задоволство подготвија франкофонски музички хепенинг под менторство на проф. Елена Николовска со цел да се заблагодарат за донираната опрема од страна на екипите на Europ’Raid од Франција кои ги сочинуваат млади авантуристи кои патуваат низ светот со автомобили Пежо 205 при тоа запознавајќи ги природните убавини, културата, традицијата и кулинарството на дваесетина европски земји. Во рамките на нивната европската авантуристичка турнеја, тие престојуваа во нашиот град по четврти пат при што донираа 1,8 тони најразличен училишен материјал, медицинска и спортска опрема, хигиенски средства, облека, обувки, инвалидска количка, француска литература и разновидни друштвени игри за изучување на францускиот јазик,… Ова претставува голем поттик и предизвик за младите франкофони континуирано да го изучуваат и усовршуваат францускиот јазик и во иднина. “Веднаш по завршувањето на настанот, во текот на месец август, од страна на училишниот тим донираната опрема беше селектирана и распределена по категории. Упатувам голема благодарност до професорките Тања Димитровска Шкрбиќ, Анета Ѓоргиевска Спасевска, Христина Илиевска и Александра Јовановиќ кои несебично се вклучија во организацијата и напорно работеа на распределба на донацијата, додека пак Марина Станишковска Пешовска, Наташа Колевска и Дејан Ангеловски вложија голем труд во организацијата на музичкиот хепенинг.“ – изјави професор Елена Николовска, координатор на настанот. Учебната 2024/2025 година започна со дистрибуирање на опремата при што први се израдуваа франкофоните од ООУ “Свети Јоаким Крчовски” – Крива Паланка, учесници на музичкиот хепениг, а подоцна и сите франкофони и ученици од подрачните училишта каде се изучува францускиот јазик како втор странски јазик како и ученици од ранливите категории. Сите овие ученици добија ранчиња со разновиден училишен материјал, спортска опрема, облека и хигиенски средства како и дополнителни резерви училишен материјал кој ќе можат да го користат во текот на целата учебна година. Еден дел од донацијата вклучувајќи друштвени игри и креации за инклузија е наменет за сензорната соба во училиштето, а медицинската опрема е пренаменета за потребите на ОО Црвен крст- Крива Паланка. “Упатувам огромна благодараност до екипите на Europ’Raid кои поминаа илјадници километри за да донираат опрема во нашето училиште. Голема благодарност до Амбасадата на Франција за постојаната соработка, несебичната поддршка и избор на Крива Паланка да биде град-домаќин на овој настан, како најголема македонска франкофонска лулка. Голема благодарност до Градоначалникот на Општина Крива Паланка, г-дин Сашко Митовски, за неговиот придонес во реализацијата на овој настан. Голема благодарност до директорот на училиштето, колегите и младите франкофони за музичкиот хепенинг како и до сите останати служби и институции кои се вклучија во организацијата при што се покажавме како добри домаќини.” – истакна Николовска.