Младите франкофони од ООУ “Свети Јоаким Крчовски” – Крива Паланка, и покрај тоа што беа на летен распуст, на 10 август 2023 година, со задоволство подготвија франкофонски музички хепенинг под менторство на проф. Елена Николовска со цел да се заблагодарат за донираната опрема од страна на екипите на Europ’Raid од Франција кои ги сочинуваат млади авантуристи кои патуваат низ светот со автомобили Пежо 205 при тоа запознавајќи ги природните убавини, културата, традицијата и кулинарството на дваесетина европски земји.
Имено во рамките на нивната европската авантуристичка турнеја, тие престојуваа во нашиот град при што донираа 1,6 тони најразличен училишен и канцелариски материјал, медицинска и спортска опрема, хигиенски средства, облека, обувки, разновидни друштвени игри, прирачници и речници за изучување на францускиот јазик,… Ова претставува голем поттик и предизвик за младите франкофони континуирано да го изучуваат и усовршуваат францускиот јазик и во иднина.
“Веднаш по завршувањето на настанот, во текот на месец август, од страна на училишниот тим донираната опрема беше селектирана и распределена по категории. Упатувам голема благодарност до професорките Тања Димитровска Шкрбиќ, Анета Ѓоргиевска Спасевска, Александра Јовановиќ и Христина Илиевска, кои несебично се вклучија во организацијата и напорно работеа на распределба на донацијата.“ – изјави професор Елена Николовска, координатор на настанот.
На самиот почеток на учебната 2023/2024 година, започна дистрибуирањето на опремата при што први се израдуваа франкофоните од ООУ “Свети Јоаким Крчовски” – Крива Паланка, учесници на музичкиот хепениг, а подоцна и сите франкофони и ученици од подрачните училишта каде се изучува францускиот јазик како втор странски јазик, како и ученици од ранливите категории. Сите овие ученици добија ранчиња со разновиден училишен материјал, спортска опрема, облека и хигиенски средства како и дополнителни резерви училишен материјал кој ќе можат да го користат во текот на целата учебна година.
“Уште еднаш сакам да упатам голема благодараност до екипите на Europ’Raid кои поминаа илјадници километри за да донираат опрема во нашето училиште. Голема благодарност до Амбасадата на Франција за постојаната соработка, несебичната поддршка и избор на Крива Паланка да биде град-домаќин на овој настан, како најголема македонска франкофонска лулка. Голема благодарност до Градоначалникот на Општина Крива Паланка, г-дин Сашко Митовски, за неговиот придонес во реализацијата на овој настан. Голема благодарност до директорот на училиштето, колегите и младите франкофони за музичкиот хепенинг како и до сите останати служби и институции кои се вклучија во организацијата при што се покажавме како добри домаќини.” – истакна Николовска.