ООУ Јоаким Крчовски  дел од меѓународен проект преку програмата Erasmus+ со наслов ИДНИНА
(
FUTURE– Future Unique To Es, Robotics and E-Learning)

Програмата „Еразмус” е двигател на модернизацијата на образованието  во Европа и има за цел да придонесе за развој на Европа како напредно општество на знаење со одржлив развој, поголема општествена кохезија, подобри работни места и подобри работни искуства  за своите граѓани.  Со цел постигнување на овие цели, програмата поттикнува размена, соработка и мобилност на наставен и ненаставен  кадар, ученици и студенти на подрачјето на Европа.

Училиштето „Јоаким Крчовски“ е активен учесник во Еразмус програмата веќе неколку години и активно ги применува европските норми за подобрување на образованието низ размена, соработка и мобилност на наставен кадар.

 Од 01.09.2018 година, ООУ Јоаким Крчовски” – Крива Паланка е по вторпат училиште партнер во меѓународен проект ИДНИНА (FUTURE) преку програмата Erasmus+. Главен координатор на проектот е Португалија, а проектот ќе трае две години односно до 31.08.2020 година. Во рамките на проектот се вклучени основни и средни училишта од Португалија, Турција, Литванија, Полска и Македонија и истиот ќе се одвива на англиски јазик. Проектот е финансиран од Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност. Главните цели на проектот се:

– Подобрување на математичките вештини со кодирање (алгоритми и математички размислувања)

– Стекнување на вештини: Како се кодира?

– Основи на роботиката преку математиката и природните науки,

– Web 2.0 Tool,

– Употреба на Web 2.0 и интернетот во секојдневната работа,

– Комуникација и усовршување на странските јазици,

– Запознавање на различни култури и учење за меѓусебна култура.

Уште еднаш нашите ученици и наставници ќе бидат во можност да разменат искуства со свои колеги од други држави, а со тоа и да го подобриме наставниот процес и успехот на учениците.

Се надеваме на успешна работа.

Активности во месец ноември

Во рамките на проектот Еразмус +, FUTURE (Иднина), во периодот од 26-30 ноември 2018год, во Вила Реал де Санто Антонио во Португалија се реализира првата средба помеѓу партнерите од проектот.
На почетокот на средбата училиштето домаќин имаше подготвено богата програма со која учениците преку песна и модерен танц ни посакаа топло добредојде. Потоа започна обиколка на училишниот комплекс, разгледување на просториите започнувајќи со неколку канцеларии за наставниците секоја за посебна намена, преку опремените кабинети и училници со смарт табли и проектори.
 
Директорот на училиштето ни посака добредојде и успешна работа, со желби за понатамошна соработка, а воедно сите тимови одржаа презентација претставувајќи се себеси, училиштето, градот и земјата од каде доаѓаат со цел да се запознаеме и соработуваме подобро.
 
При разгледувањето на училиштето, посебно бевме воодушевени од организацијата, достапноста, дисциплината, хигиената, гостопримството, како и училишната менза каде учениците секојдневно добиваат здрав оброк.  На одморите учениците имаат избор да играат пинг-понг во училишниот двор, да одат во училишната библиотека која изобилува со литература, компјутери и дополнителен материјал за да можат да се подготват за следните часови.
 
Организираната посета на градот ни посочи за местоположбата на градот, кој се наоѓа на самата граница со Шпанија овозможува и го одредува минатото, но и иднината бидејќи сите работи се поврзани со близината со Шпанија и Атланскиот Океан.
 
Оваа средба меѓу партнерите беше збогатена со обука и практични вeжби за алатките web 2.0 од страна на експерти. Исто така, имаше натпревар меѓу најдобрите логоа изработени од учениците од земјите-партнери на кој за најдобро лого беше избрано логото на ученичката Андријана Илиевска од 9-1 одделение од ООУ „Јоаким Крчовски”.
 
Учесниците разговараа и се договараа за понатамошниот тек на проектот.

 

Активности во месец декември

Во текот на првата работна средба во Португалија преставниците од ООУ Јоаким Крчовски пред присутните наставници од уште 4 држави го претставија прво основното училиште Јоаким Крчовски од кое доаѓаат, потоа градот Крива Паланка и на крајот државата Република Македонија преку кратки филмови и презентации. Филмовите и презентациите беа изготвени заедно со учениците од  ООУ Јоаким Крчовски и во соработка со општината Крива Паланка. Најзначајната придобивка од овие средби беше исполнета, а тоа е претставување во најдобро светло на општината и државата од која доаѓаме.

По враќањето од работната средба во Португалија, професорот по математика Далибор Стоилковски  и професорката по француски Елена Николовска, кои присуствуваа на обуката за Web 2.0 Tools, извршија дисеминација помеѓу колегите од ООУ Јоаким Крчовски. Имаше голема заинтересираност од страна на колегите кои сакаа да научат нешто за новите интернет алатки кои ќе им помогнат во работата, оценувањето, подготовките за часовите како и текот на самите часови.

Пред почетокот на дисеминацијата на ученичката Андријана Илиевска од 9-1 одделение и беше врачена диплома и награда за освоеното прво место на конкурсот за лого, спроведен во рамките на овој проект.

Сите учесници на дисеминацијата освен со нови знаења се здобија и со сертификати за учество.  Тимот од проектот продолжи со своите активности во текот на месец декември бидејќи следната работна средба беше веќе закажана за последната недела од март во Шулеи, Литванија.

Активности во месец  јануари

По завршувањето на зимскиот распуст дисеминација за Web 2.0 Tools беше спроведена и пред дел од учениците од 7,8 и 9 одделение во  ООУ Јоаким Крчовски.  Професорот по математика Далибор Стоилковски  и професорката по француски Елена Николовска ги запознаа учениците со некои основни алатки како што се: Plickers, QR Code, Quiver Vision, Google forms кои ќе ги среќаваат при работа во активностите поврзани со проектот . Пред почетокот на предавањето учениците пополнија прашалник за нивното познавање и користење на интернетот и времето што го поминуваат пред телефонот и компјутерот. Овој прашалник ќе ни биде показател за тоа што ќе се промени кај навиките на учениците во врска со користењето на интернетот до крајот на проектот, бидејќи целта на проектот е да се искористи времето поминато на интернет да се научи нешто ново или да се повторат стекнатите знаења.  Учениците кои присуствуваа на дисеминацијата ќе имаат можност да учествуваат во активностите поврзани со проектот, а воедно и да посетат некое од партнерските училишта.

На 05.02.2019 година во рамките на проектот Иднина беше одбележан и денот на Сигурноста на интернет – „Internet Safety”. Учениците гледаа презентација за тоа што значи интернет безбедност и направија постери на истата тема

 

Ученици од ООУ „Јоаким Крчовски” за прв пат во посета на основно училиште во Литванија благодарение на Еразмус + програмата

Во рамките на проектот „Иднина” од Еразмус + програмата, шест ученици од ООУ „Јоаким Крчовски” поминаа незаборавна недела во ОУ  „Меделино Прогимназија” во Шулеј, Литванија. Тие беа дел од наставата во училиштето, но и дел од литванските семејствата. Имаа можност да се запознаат со образовниот процес во Литванија и начинот на живот како во училиштето така и надвор од него на своите врсници. Освен што учествуваа во часовите и активностите во училиштето, учениците имаа и задача да направат истражување и презентации за еколошките проблеми во светот и како да се справиме со нив.
Посетија многу интересни места како што се: градската библиотека каде ја видоа најголемата книга во Литванија, грнчарска работилница каде учеа како се прават грнчарски садови, посетија и воденица каде учеа да направат традиционален литвански леб. Исто така имаа можност да куглаат и да видат шоу со делфини, нешта кои засекогаш ќе останат во нивните сеќавања. Го посетија и главниот град на Литванија –  Вилниус, „Литванската Венеција”- Тракаи , како и Паланга и брегот на Балтичкото Mоре.
Сите наставници и ученици од земјите партнери беа примени во општината во Шулеј каде не запознаа со градот, неговата историја, сегашност и секако идните планови. Нашите ученици на претставникот од општината му пренесоа поздрави од нашата општина со надеж за идна соработка.
Учениците се вратија во Македонија со многу позитивни импресии и желба да се видат повторно со новостекнатите другари од сите земји партнери ( Полска, Португалија, Турција и секако домаќинот Литванија).
„Им се заблагодаруваме на домаќините за прекрасниот пречек и организација и со нетрпение ги очекуваме во октомври во нашето училиште и нашиот град” – велат учениците.

Координатор на проектот
Тања Д. Шкрбиќ

Наставници од ООУ „Јоаким Крчовски” во посета на основно училиште во Шедлице, Полска

Во рамките на проектот „Иднина” од Еразмус + програмата, тројца наставници од ООУ „Јоаким Крчовски” беа во посета на основно училиште број 5 од Шедлице, Полска од 20 до 24 мај 2019 год.

-Имавме можност да се запознаеме со образовниот процес во Полска и да присуствуваме на обука за кодирање – Scratch која беше одржана од страна на португалскиот експерт Давид Коста.  Учениците ни го покажаа целото училиште на сите партнери кои присуствувавме на средбата, ни претставија експерименти кои ги учат на час по хемија,  ни приредија академија во чест на нивниот патрон и мал концерт за да ни ги покажат своите музички способности.
Наставниците од училиштата партнери во проектот посетија многу интересни места, замоци, споменици како и музејот со најпознатата слика во Шедлице насликана од познатиот сликар Ел Греко. Го посетивме и главниот град на Полска,  Варшава каде се запознавме со полската историја и култура.
Имавме прием и кај градоначалникот на општината Шедлице на кој му пренесовме поздрави од нашата општина со надеж за можна соработка.
Домаќините успеаа да ни ја претстават својата традиција, култура, историја и образование во текот на нашата посета и да направат да се чуствуваме пријатно и добредојдено. Останува ние да се подготвуваме да бидеме добри домаќини какви што беа тие, изјави координаторот на проектот, Тања Д. Шкрбиќ.

 

ООУ „Јоаким Крчовски” беше домаќин на 26 ученици и 11 наставници од Португалија, Литванија, Полска и Турција

Во рамките на Ерасмус+ проектот „ИДНИНА“ од 11 до 15 ноември ООУ „Јоаким Крчовски“ беше домаќин на 26 ученика и 11 наставници од 4 различни држави. Се реализираа многубројни активности поврзани со главната цел на проектот- кодирање, но воедно ги претставивме и нашата традиција, фолклор, храна, образовен систем и начин на живеење.

На почетокот гостите ги пречекавме во традиционални носии со леб и сол на влезот од училиштето. По кратката прошетка низ училниците и училиштето Партизан гостите имаа можност да присуствуваат на една прекрасна приредба подготвена од наставниците и учениците на ООУ „Јоаким Крчовски“. Директорот на училиштето Дане Петровски ги поздрави и им посака топло добредојде.

По приредбата гостите имаа работилница – Сликање на македонски мотиви на порцелан, каде се запознаа со нашата традиционална носија.

Следниот ден гостите беа примени од страна на градоначалникот на Крива Паланка, г-н. Борјанчо Мицевски кој им посака добредојде и им покажа неколку видеа за нашиот град . Ги испрати со желба за понатамошна соработка на сите полиња со земјите партнери во проектот. Денот продолжи со активности во училиштето. Работа со Скреч и презентација на Микробитот и Роботската рака – проекти кои се одвиваат во училиштето но се поврзани со темата на проектот.

Гостите го посетија и градскиот музеј каде се запознаа со историјата на градот преку слики и артефакти а потоа ја посетија црквата Св. Димитрија. Двете посети беа многу интересни за нив бидејќи беа нешто ново и необично за повеќето учесници.

Среда ни беше резервирана за работа со Е-твининг но и за посета на еден од најубавите манастири во нашата држава Св. Јоаким Осоговски. Учесниците беа одушевени од неговата убавина и уникатност. Таму слушнаа многу интересни факти за почетоците и основачот на манастирот, како и за самиот Св. Јоаким Осоговски и неговиот испоснички живот.

По посетата на манастирот се вративме на училиште каде имавме час по кодирање со Микробит и презентација на игра кодирана од страна на нашата ученичка Сара Стефановска.

Во четврток наставниците и учениците ги гледаа изработките на сите ученици учесници во проектот. Нивна задача беше да направат легенди и квизови во Скреч. Темата на квизовите беше Околината и загадувањето. Сите изработки беа прекрасни и учениците беа пофалени за нивната одлична работа. Потоа слушавме мал концерт и следеше доделување на сетрификатите на сите учесници.

Петокот беше резервиран за посета на главниот град Скопје. Го посетивме Калето, старата Скопска чаршија, спомениците во центарот на градот и на крајот Матка. Учесниците беа одушевени од главниот град.

Оваа средба беше работна, но во меѓувреме учесниците се запознаа со нашата кујна. Имаа можност да пробаат пита, зелник, тавче гравче, мусака, полнети пиперки, разни видови салати, туршија, баклава, парени колачи, боза и се она што е типично за нас и за нашиот град. Учениците се запознаа со семејствата на нашите ученици и со нивниот начин на живот.

Во тоа е и убавината на овие проекти. Да ни биде појасно дека сите сме различни но дека разликите можат да не приближат и спријателат наместо да не разделат.

Различноста не значи да си подобар или полош од другите, тоа само значи дека имаш различен начин на живот, историја, култура, образовен систем.

 

Координатор на проектот

Тања Димитровска-Шкрбиќ

Наставници од ООУ „Јоаким Крчовски” во посета на основно училиште во Герменџик, Ајдин, Турција

Во рамките на проектот „Иднина” од Еразмус + програмата, тројца наставници од ООУ „Јоаким Крчовски” беа во посета на основно училиште во Герменџик, Ајдин, Турција, од 01 до 06 март 2020 година. Главната цел на мобилноста беше обука за Ардуино кодирање и роботика.

На самиот почеток на средбата се запознавме со наставниот кадар и со учениците од училиштето а потоа се запознавме и со локалниот претставник на министерството за образование на Турција. Тој нагласи дека Еразмус проектите се многу корисни во образовниот процес и дека треба да се учествува во нив, да се разменуваат искуства и добри практитки. Следеше обуката за Ардуино која беше нешто ново за сите нас, но исто така и многу интересна и корисна обука. Како што нагласи и обучувачот: „Кодирањето е нешто на кое треба да се посвети особено внимание во текот на образованието на учениците, бидејќи тоа е нашата иднина. Сите професии во иднината на некој начин ќе бидат поврзани со кодирање. “

Посетивме многу важни историски места како стариот град Ефес и куќата на Дева Марија. Домаќините успеаа да ни покажат многу интересни работи поврзани со историјата, културата и традицијата на Турција.