Во ООУ „Св. Јоаким Крчоски“ – Крива Паланка се реализираше интерактивна презентација за родители во рамки на проектот „Заедно во приказната: превенција од насилство преку инклузивен драма-образовен пристап“.
Средбата беше посветена на насилството како поширок општествен и мултигенерациски проблем, кој не се однесува само на училиштето, туку и на начинот на кој комуницираме, воспитуваме и реагираме како заедница. Наместо еднонасочно предавање, родителите активно се вклучија во дискусијата и споделија лични искуства, дилеми и предизвици поврзани со врсничкото насилство, комуникацијата со децата и влијанието на средината врз нивниот развој.
Посебен акцент беше ставен на препознавање на суптилните форми на насилство, улогата на возрасните во раната превенција и важноста од градење доверба и отворена комуникација со децата.
Во рамки на средбата, родителите беа дополнително информирани и за целите, активностите и значењето на проектот „Заедно во приказната: превенција од насилство преку инклузивен драма-образовен пристап“, како и за начинот на кој преку драмско-образовни методи се поттикнува емпатија, соработка и ненасилна комуникација кај учениците.
Презентацијата ја реализираше Ивана Василевска Петровска – магистер специјален едукатор и рехабилитатор, Бранкица Дуковски – социјален работник и Наташа Петровиќ – психолог од ОУРЦ „Иднина“ – Скопје, во соработка со училиштето партнер во Крива Паланка.