️ На 29 април 2026 год., ООУ “Свети Јоаким Крчовски” – Крива Паланка, под покровителство на Н.У. Центар за култура – Крива Паланка, ја организираше традиционалната франкофонска вечер, четиринаесетта по ред, на која учествуваа стотина млади франкофони од училиштето под менторство на професор Елена Николовска.
️ Учениците блеснаа на сцената истакнувајќи ги нивните јазични вештини по француски јазик преку пеење, глума, танцување и рецитирање француска поезија. Топло добредојде на многубројната публика посакаа учениците од четврто и петто одделение кои го изучуваат францускиот јазик во рамки на проектот Сензибилизација на фондацијата Бел Идеал.
Оваа франкофонска вечер претставуваше не само културна манифестација, туку и проект по општествено-хуманитарна работа за учениците од седмо одделение, кои преку своето активно учество ја демонстрираа важноста на ангажманот, вложениот труд и напредокот во вакви општествено корисни активности.
На настанот присуствуваа г-ѓа Кети Димковска, советник по француски јазик во Бирото за развој на образованието, и г-ѓа Марија Варсамис Симоновска, претседател на Здружението на професорите по француски јазик на Република Македонија. Во нивното обраќање тие ги поттикнаа младите франкофони со љубов да го изучуваат францускиот јазик и понатаму.
Учениците беа наградени со подароци и
пофалници за вложениот труд, а нивното учество беше инзвонредно бидејќи сите беа редовни на пробите и го вложија својот максимум.
Честитки драги ученици – навистина гордееме со вас!
