Бајковито, магично, предновогодишно расположение, за прв пат денес се почувствува во нашето училиште благодарение на активноста на учениците од VI до IX одделение, кои се дел од секцијата “Клуб за ученички иницијативи”, под менторство на наставничките Георгина Велковска и Христина Илиевска, а поддржана од страна на наставниците, стручната служба и директорот на училиштето г-дин Дане Петровски. Ученичката иницијатива беше новогодишна работилница под мотото: “Од големите за малите – среќа полна вреќа”, и два месеци твореа и ракотвореа, новогодишни стихови, новогодишни честитки и новогодишни костими, со една и единствена цел, да им искреираат ден со новогодишен амбиент и да ги направат среќни своите најмали соученици од I до V одделение. Денес заблескаа насмевките на најмалите со новогодишен сјај, предизвикани од изненадувањето кое им го подготвија нивните поголеми другарчиња. Сите дечиња беа израдувани со симболично подароче и новогодишни честитки со најубави желби за среќни и весели новогодишни и божиќни празници, искажани преку новогодишни стихови, како и можност да се фотографираат со најомилените новогодишни ликови: Дедо Мраз, Баба Мразица, Снежна самовила и подарок.Новогодишен амбиент внесоа и во кабинетот на градоначалникот, г-дин Сашко Митовски, подарувајќи му самостојно изработени честитки со желба за среќна и успешна Нова година, при што тој им посака топло добредојде и ги поздрави ваквите нивни ученички иницијативи.