Во Националната опера и балет на ден 19 ноември 2022 година од 19 часот беше изведен современиот балет во 3 слики „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев, современа бајка за деца. На претставата настапија првенци, истакнати солисти, солисти, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
По иницијатива на наставничката по музичко образование Лариса Жулина-Митовски ученици од училишниот оркестар во ООУ „Јоаким Крчовски“-Крива Паланка ја посетија прекрасната балетска претстава. Сите присутни беа воодушевени од сценографијата, костимографијата и одличната изведба. Посетата на оваа јавна и културно-образовна институција беше одлично организирана и реализирана. Целта на оваа посета беше пред се’ учениците да се зближат со музичката култура.
И во иднина ќе продолжи соработката на нашето училиште со оваа национална институција така што учениците ќе имаат можност да посетат претстави што се поставени на репертоарот на оваа национална куќа.
Краток синопсис „Пепелашка“
….И живееја среќно до крајот на животот, затоа што љубовта е во воздухот….но, пред тоа би требало и да се запознаат….
Во еден мал, но познат град, на главниот плоштад, каде што се наоѓа споменикот„ Вила Срце“, се среќаваат пријатели, се заљубуваат момчиња во девојки, оџачарот прави пауза во својот распоред, а едно девојче по име Пепелашка во нежните дланки, носи куфер преполн со соништа. Чекајки го својот татко, кој и има испратено писмо, се радува на средбата и одењето во заедничкиот топол дом, дом во кој никој не ја сака, но соништата не ја напуштаат.
Со помош на мудрите Вили и малку магија, таа е спремна за бал на кој не е повикана. На балот е омилената и најубава девојка, во која сите момчиња се вљубени, таму е и тој вистинскиот – нејзиниот принц од соништата.
Правилото е дека сите добри девојки мораат пред полноќ да бидат во своите домови.
Опиена од танц, смеа, од принцот и неговото друштво, заборава на времето и точно на полноќ почнува лошиот сон.
Во Вителот на танцот, отчукува полноќ, Пепелашка го губи својот принц, својот разум, но и едниот чевел.
Принцот случајно го наоѓа чевелот, но тој не го знае името на девојката, ниту каде таа живее.
Објавува потрага во градот за девојката која го изгубила чевелот, со ветување дека ако ја пронајде девојката, ќе се ожени со неа и таа ќе стане принцеза….
Дали приказната имаше среќен крај, тоа тогаш не го знаеше ниту Вилата Срце, бидејќи сите девојки загубија по еден чевел, верувајќи во своите желби и соништа.
Сите живееја среќно до крајот на животот, но и подолго, по оваа приказна. Многу, многу среќно, бидејќи Love is in the Air….