Учениците од училишниот оркестар постигнаа извонреден успех на Меѓународниот уметнички фестивал „Утринска Ѕвезда“, кој се одржа на 27.11.2024 година во Банско, Бугарија. Настанот обедини учесници од седум земји (Македонија, Индонезија, Грција, Турција, Украина, Бугарија и Молдавија), а младите таленти од нашето училиште ја претставија Општината на најдобар можен начин.
Во меѓународна конкуренција, оркестарот под раководство на проф. Лариса Жулина-Митовски освои прво место.
„Горда сум на нашите ученици кои, со својот труд и посветеност, покажаа дека се подготвени да се натпреваруваат на највисоко ниво. Нивните успеси се доказ за нивниот талент, но и за важноста на уметничкото образование како дел од нивниот личен и професионален развој,“ изјави проф. Лариса Жулина-Митовски, менторка на младите музичари.
Фестивалот „Утринска Ѕвезда“ претставува значаен настан кој обединува млади таленти од различни култури и нации, а учениците од Крива Паланка со своите настапи покажаа дека се вистински амбасадори на македонската музичка уметност.
Успесите на овие млади уметници се уште еден поттик за општината да продолжи да го негува талентот и да создава услови за нивен понатамошен развој.