Преку драмски ситуации, игра на улоги и заедничка дискусија, учениците од нашето училиште работеа на препознавање на различни форми на врсничко насилство и на начините на кои можеме да реагираме кога некој е повреден, исклучен или навреден.
Во рамки на првата ученичка работилница, децата имаа можност да влезат во различни улоги – набљудувач, жртва, другар кој поддржува – и преку драма процес да размислуваат за емоциите и последиците од секојдневните ситуации кои често остануваат незабележани.
Низ активностите се поттикнуваше емпатија, соработка и ненасилна комуникација, а учениците покажаа исклучителна отвореност и зрелост во споделувањето на сопствени размислувања и искуства.
Работилницата ја реализираа Бранкица Дуковски – социјален работник и Наташа Петровиќ – психолог, Ивана Василевска Петровска – магистер специјален едукатор и рехабилитатор од ОУРЦ „Иднина“ – Скопје.
Проектот „Заедно во приказната: превенција од насилство преку инклузивен драма-образовен пристап“ се реализира со поддршка од Министерството за образование и наука.