На 10 август 2023 година, Крива Паланка по трет пат беше домаќин на Europ’Raid, првата авантуристичка обиколка со автомобили „Пежо 205“ низ 20 земји во Европа, во рамки нивното 8-то издание кое започна на 29 јули и ќе трае до 19 август 2023 година.
Француските авантуристи од „Ероп рeд” кои со 215 автомобили и годинава патувајќи низ Европа шират хумана мисија за меѓународна помош и соработка, донираа околу 1,6 тони училишен прибор, материјали и спортска опрема за франкофоните од ООУ „Св. Јоаким Крчовски”, Крива Паланка.
На настанот се обратија Емануел Гардиј, вршител на должност во Амбасадата на Франција во РС Македонија, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, како и претставници од Europ’Raid и училиштето.
– Благодарам драги мои сограѓани што трета година „Ероп ред” не ги заборава младите франкофони, учениците од ООУ „ Св.Јоаким Крчовски”, и донира училишни материјали, спортска опрема и останато, ширејќи ја мисијата за активности насочени кон другите и кон меѓународната соработка. Благодарност до професорката Елена Николовска за тоа што ја шири наставата по француски јазик и придонесува нашиот јазик да зрачи во С Македонија, рече Гардиј.
Градоначалникот Митовски се заблагодари на Амбасадата на Франција што и годинава ја одбра Крива Паланка за град – домаќин, како и за хуманата мисија на младите француски државјани.
– Вие сте вистински пример за младите да бидат хумани и грижливи едни за други, да си помагаат и да се почитуваат. Познавањето странски јазици им отвора врати кон Европа и светот на младите, а тоа јасно се потврдува и со препознаените заложби на професорката Николовска, пред се претставени преку бројните успеси на учениците во национални и меѓународни рамки, рече Митовски.
Од организацијата беа присутни Бенжамин Леден и Жереми Бланден, претседатели и организатори на „Ероп ред“, како и Жулиет Бертран, одговорна за логистика.
-Патуваме, ги запознаваме културата и традицијата на дваесет држави во дваесет и два дена, а носиме и опрема за училиштата од Романија, Албанија, Босна и Херцеговина, С Македонија. Денеска овде во училиштето се присутни 23 екипажи, секој од нив со по 70 килограми опрема или над 1600 килиграми опрема. Оваа наша солидарна акција не прави среќни зашто можеме да усреќиме други луѓе – дечињата. Благодарност до градоначалникот за приемот и срдечниот пречек тука во вашиот град, до Гардиј од амбасадата и до професорката Елена за организацијата, рече Бертран.
Професорката по француски јазик од ООУ „ Св.Јоаким Крчовски”, Елена Николовска, чиишто заложби и достигнувања во областа на франкофонијата се иницијална точка за оваа посета и соработка, им се заблагодари на гостите за донацијата и мотивацијата на учениците да продолжат со изучување на францускиот јазик.
– Благодарам за донацијата во изминатите години, која беше донирана и дистрибуирана на деца од централниот објект, од подрачните училишта и на сите други дечиња на кои им е потребна, како и на дечињата без родителска грижа. Чест ни е трета година да ве пречекаме тука, во нашето училиште и да ви претставиме дел од нашите франкофонски активности. Вашата донација е и мотивација за нив за да продолжат да го изучуваат јазикот, рече Николовска.
Вo дворот на училиштето ООУ „Св.Јоаким Крчовски”, се одржа франкофонски музички спектакл збогатен со стиховите на француската поезија, преку најразлични изведби на франкофонски и македонски песни, подготвени од учениците од централното училиште, ПОУ с.Жидилово и ПОУ с.Дурачка Река под менторство на професор Елена Николовска со поддршка на директорот Дане Петровски, а свој придонес во подготовките имаа и наставниците Тања Димитровска Шкрбиќ, Христина Илиевска, Наташа Колевска, Жарко Ангеловски и Дејан Ангеловски.