Учениците од нашето училиште учеа како да реагираат на насилството и како безбедно да го користат интернетот
Во рамките на проектот „Заедно во приказната – Превенција од насилство преку инклузивен драмско-едукативен пристап“, на 08.06.2026 год. во нашето училиште беа реализирани последните две работилници со учениците, посветени на темите „Улогата на сведоците“ и „Сајбер насилство“.
Работилниците ги реализираа специјалните едукатори и рехабилитатори Емилија Георгиева и Моника Огненовска, од ОУРЦ „Иднина“-Скопје а во соработка со Стручната служба од ООУ„Свети Јоаким Крчовски“, кои преку интерактивни драмски активности, дискусии и практични примери ги поттикнаа учениците активно да размислуваат за својата улога во спречувањето на насилството.
На работилницата за улогата на сведоците, учениците истражуваа како нивните постапки можат да влијаат врз исходот на една конфликтна ситуација.

Преку различни сценарија и играње улоги, тие сфатија дека и сведоците имаат моќ да помогнат, да побараат поддршка или да застанат во одбрана на другарот кој е изложен на насилство. Особено значајно беше сознанието дека и игнорирањето на насилството претставува избор кој може да има последици.
На работилницата посветена на сајбер насилството, учениците разговараа за безбедното користење на интернетот, одговорното однесување на социјалните мрежи и начините на кои можат да се заштитат од навреди, закани, исмејување и други форми на онлајн насилство. Преку практични примери тие учеа како да препознаат ризични ситуации, кому да се обратат за помош и како да бидат одговорни дигитални граѓани.
Двете работилници се реализираа во позитивна и мотивирачка атмосфера, исполнета со активна вклученост, соработка и размена на идеи. Учениците покажаа голем интерес за темите, зрело размислување и подготвеност да придонесат кон создавање побезбедна и поподдржувачка средина, како во училиштето така и во дигиталниот свет.
Преку ваквите активности се развиваат емпатијата, критичкото размислување, социјалните и комуникациските вештини кај учениците, а истовремено се зајакнува нивната способност да препознаваат насилство и соодветно да реагираат во различни ситуации.