На 3 август 2024 година, започна 9-то издание на Europ’Raid, првата авантуристичка обиколка со автомобили „Пежо 205“ низ 20 земји во Европа, а во рамките на истата, околу 610 Французи тргнаа од Париз, во духот на меѓународната солидарност, носејќи со себе училишна и спортска опрема која ја донираат на училишта од Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија и С Македонија. Поминувајќи 8.000 километри за 22 дена, секоја екипа има мисија да обезбеди 70kg училишна или спортска опрема: училишни ранци, училишен прибор, тетратки, топки, разновидни друштвени игри, сликовници и книги на француски јазик, спортска облека, обувки, … наменета за младите франкофони со цел да ги поттикнат и мотивираат да го изучуваат францускиот јазик.
На 15 август 2024 година, по четврти пат, Крива Паланка ќе има чест и задоволство да биде единствен македонски град-домаќин на оваа прекрасна организација на млади авантуристи кои патуваат и се запознаваат со природните убавини, културата, традицијата и кулинарството на 20 европски земји. По нивното пристигнување во нашиот град, ќе започнат и повеќе активности: во 17:15 во училишниот двор на ООУ „Свети Јоаким Крчовски“ ќе се одржи франкофонски музички хепенинг кој ќе биде збогатен со македонски фолклор во знак на запознавање на македонската култура и традиција, а подоцна во 21 часот гостите ќе имаат можност да проследат културно-уметничка програма на градскиот плоштад. Имено, организацијата на Еуроп Ред во соработка со Амбасадата на Франција, ја одбраа Крива Паланка за македонски град домаќин поради добро познатите активности во областа на Франкофонијата. Во рамките на овие активности, ќе присуствува делегација од Амбасадата на Франција, од Францускиот институт од Скопје и повеќе франкофонски здруженија и организации.