Меѓународниот ден на ненасилството се одбележува секоја година на 2 октомври, на денот на раѓањето на Махатма Ганди, еден од водачите на движењето за независност на Индија и пионер во развојот на филозофијата и стратегијата на ненасилството.
По повод овој значаен ден, учениците од ПУ с. Нерав реализираа креативна ликовна активност посветена на моќта на зборовите и значењето на позитивната и ненасилна комуникација.
Преку симболично бришење на негативните зборови и нивно заменување со фластерчиња на кои беа испишани позитивни и охрабрувачки пораки, учениците испратија јасна и силна порака дека зборовите можат да повредат, но и да лекуваат.
Активноста им овозможи на учениците на креативен начин да размислуваат за влијанието на нивните зборови врз другите, но и за значењето на љубезноста, разбирањето и почитувањето во секојдневната комуникација.
Преку ваквите активности се поттикнуваат емпатијата, меѓусебното почитување, толеранцијата и ненасилното решавање на конфликтите, со што се придонесува кон создавање позитивна и безбедна училишна средина.