На 13.05.2023, на Државниот натпревар за основно образование по предметот оркестар кој се одржа во Домот на културата „25 Мај“ во Валандово, нашиот училишен оркестар, кој брои 35 ученици го освои првото место. Оркестарот настапи со изведбите на Валцер од австрискиот композитор Јохан Штраус и “Варијации” во аранжман на Лариса Жулина-Митовски.
Раководител и диригент на оркестарот наставничката по музичко образование наставник-ментор Лариса Жулина-Митовски. Под нејзино водство, победите и успешните настапи на нашиот оркестар на многу натпреварувања години наназад, стануваат традиција за нашето училиште.
Натпреварите организирани од Здружението на музичките педагози на Република Северна Македонија во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието имаат за цел: поттикнување на позитивна клима во државата кон музичкото образование и творештвото како незаменлив фактор за развој на музичката култура, подигнување на интересот за предметот Музичко образование, хорот и оркестарот кај учениците во основното обазование, негување на народната традиција, хорската и оркестарската музика, интерпретација на разни жанрови на музика, како и запознавање со највредните композиции и композитори во светот и Република Македонија и масовност на учесниците на натпревари на сите нивоа во целата држава, развивајќи другарство и комуникација со припадници на други етнички заедници на Македонија. Натпреварите опфаќаат две натпреварувачки дисциплини: натпревар по хор (категории: тригласен, двогласен и едногласен хор) и натпревар по оркестар (категории: мандолински, орфов, мешан, хармоникашки, сазов и еднороден).